Евроинтеграции

По првата меѓувладина конференција, почнува скрининг

19.07.2022 18:53

Унијата ќе ги скенира усогласеноста на земјава со европското право, капацитетите на институциите, потребните реформи за задоволување на стандардите. Процесот ќе трае најмалку година...

Еврокомесарот за проширување, Вархеи, ги објасни задачите кои македонската администрација ќе треба да ги спроведе за да се усогласат нашите политики и легислативи со европските. Од квалитетот на воздухот кој се дише, капацитетот на здравството, па се до квалитетот на водата за пиење, ќе бидат опфатени со процесот на скрининг. Вархеј посочи дека Европската унија ќе обезбеди поддршка и помош за властите во земјава во спроведувањето на реформите во сите области, а според него придобивките од процесот ќе бидат огромни.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека скринингот за владата е процес кој не е непознат и веќе правото на Европската унија е на ниво на 45 проценти на усогласеност со македонското. Предложи да се организираат дополнителни состаноци на техничко ниво меѓу претставниците на Унија со македонската администрација за да презентираат како ќе се применува новата методологија за пристапување.

„Да ги мобилизираме сите ресурсите и да не застанеме додека не ги исполните потребните услови за влез во европското семејство. Нема да изневериме и ќе одговориме на сите прашања“, рече министерот Османи.

Скрининг процесот се состои од шест кластери кои содржат 33 поглавја.

Викторија Милевска