Земјоделство

Ниска откупна цена на пченицата

20.07.2022 09:34

18 денари за килограм, земјоделците тврдат, е многу ниска откупна цена за пченицата. Со зголемувањето на трошоците за производство сметаат дека житото треба да се плаќа по 23 денари. Федерацијата на фармери бара интервентен откуп на родот што се жнее...

Откупната цена на пченицата од 18 денари за килограм е многу ниска, тврдат од федерацијата на фармери. Според трошоците за производство и направените пресметки треба да изнесува минимум 23 денари.

Земјоделците од велешкиот, пелагонискиот и полошкиот регион велат дека родот е со солиден квалитет, но приносите се намалени.

Најголем проблем со кои се сочувуваат полјоделците се климатските промени, односно брзите промени на температурата и последиците што ги предизвикуваат.

Топлотните разлики прават стрес на растението, што го намалува квалитетот на зрното, a се јавуваат и болести. Сепак најмногу мака имаат со откупната цена за која тврдат дека со години наназад е пониска од производствените трошоци. Она што оваа жетва дополнително уште повеќе ќе им ја намали исплатливоста на работењето се зголемените цени на горивата и на ѓубривата за прихрана.

Кај нас, според статистиката, производството на пченица се намалува секоја година, а за последните 19 површините со оваа култура се помали за 20 проценти.

Федерацијата на фармери излезот од ваквата ситуација кога производствената е поголема од откупната цена на пченицата го гледа и бара воведување интервентен откуп од страна на државата.

 

Методија Трајков