Путин: Украина нема желба за преговори
Украина нема желба за продолжување на мировните преговори, вели рускиот претседател Путин. Од Техеран ја повтори пораката дека Москва не е изолирана и покрај отворената конфронтација со Западот. Русија се подготвува да анектира украинска територија, тврдат американски разузнавачи. Зеленски се надева на американска помош...

Украина нема желба за продолжување на мировните преговори и одбива да ги почитува договорите што се постигнати за време на разговорите во Турција во март, вели рускиот претседател Путин. На своето прво патување надвор од просторот на поранешниот Советски сојуз откако ја започна таканаречената „специјална операција“, Путин од Техеран ја повтори пораката дека Москва не е изолирана и покрај отворената конфронтација со Западот.
„Имаше разговори во Истанбул кога речиси постигнавме договор, требаше само да го иницираме. Но, познато е дека по ова и откако нашите војници се повлекоа надвор од центарот на Украина и од Киев, за да се создадат овие услови, властите на Украина одбија да ги спроведат овие договори што беа практично постигнати“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
На средбата со турскиот претседател Ердоган, иранскиот Раиси и врховниот водач Хамнеи, рускиот претседател ги потврди чекорите напред благодарение на посредништвото на Анкара за деблокирање на извозот на украинско жито од пристаништата на Црното Море.
Од Белата куќа велат дека американските разузнавачи имаат докази оти Русија се подготвува да анектира украинска територија.
„Русија ги поставува темелите за анексија на украинска територија што ја контролира со директно кршење на суверенитетот на Украина. Русија веќе инсталира нелегитимни функционери во областите под нејзина контрола. Ние ги знаеме нивните следни потези“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Украинскиот претседател Зеленски брифираше за последните руски напади во регионот на Одеса, Харков, Миколаев, Краматорск и други градови на Донбас. Се надева на зголемена американска поддршка за Украина и дополнителна помош за заштита на луѓето, задоволувајќи ги хуманитарните потреби.
„Многу мртви, многу ранети. Окупаторите ги гранатираа пограничните области на Сумиската област. Зголемување на американската поддршка за Украина, дополнителна помош за заштита на луѓето од рускиот терор, задоволување на хуманитарните потреби – сето тоа се задачи на посетата на првата дама на Украина на САД“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украина е веќе решено прашање. Во пропагандно видео објавено на социјалните мрежи чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, сојузник на рускиот претседател Путин се заканува дека по освојувањето на Киев, следната цел е Варшава.
Маријана Димовска
