Партии

Продолжува разногласието за статусот во ЕУ

20.07.2022 14:53

Македонскиот јазик гласно ечеше во Брисел, ги заштитиме националните и државни интереси, власта задоволна од првата Меѓувладина конференција со ЕУ. Ниту скрининг има, ниту преговори, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според Мицкоски, промена на Уставот нема да се случи...

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште некои слободоумни пратеници во Парламентот се браникот на македонскиот идентитет. Промената на Уставот нема да се случи, гарантира Мицкоски. Вели дека „Голема е веројатноста Софија да го повлече барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав за што додаде дека има информации за ваква алтернатива. Мицкоски посочува дека доколку тоа се случи, власта ова ќе го претстави како свој триумф, Бугарија ќе гради имиџ на разумен сосед пред меѓународната заедница, но во суштина тоа ќе биде погубно за земјата.

ВМРО-ДПМНЕ инсистира на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за ваквата преговарачка рамка која за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлива. Партијата конкретен став ќе гради на седниците на Извршниот и Централниот комитет. Мицкоски посочи дека 3 месеци е процесот за собирање на 150 илјади потписи за одржување на референдум.

Од СДСМ пак се убедени дека донесените заклучоци во Собранието, сами по себе гарантираат заштита на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет.

Власта и опозицијата остануваат со разидување во тврдењата, за едните преговорите почнаа и веќе се спроведува скрининг, за другите преговорите почнаа за Албанија, а т.н скрининг е всушност мониторингот на ЕУ којшто се прави откако Македонија стана кандидат за земја-членка во Унијата.

Катерина Топалова