Влада: Се забранува извозот на огревно дрво, пелети, пченица и брашно
Владата донесе одлука за забрана на извозот на огревно дрво, пелети. Најави инспекциски конторли во магацините. Ќе се проверува дали компаниите намерно кријат суровини и вештачки предизвикуваат криза на пазарот, за во зима да ги продаваат по повисоки цени. До крајот на годината се ограничува и извозот на пченица и брашно и се укинува царината за увоз на масло за јадење...

Привремено до крајот на годинава се ограничува извозот на огревно дрво и пелети, за да се избегнат последиците од зголемената побарувачка на населението предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар, одлучи Владата. Најави зголемени инспекциски контроли во магацините за пелети. Ќе се проверува дали компаниите намерно кријат суровини за да во зима ги продаваат поскапо.
Одлуката доаѓа по реакциите од граѓаните дека нема на што да се греат престојната сезона.
Владата донесе одлука и за ограничување на извозот на пченица и брашно од пченица до крајот на годинава. Се укинуваат и царините за увоз на масло за јадење од сончоглед.
Одлуките се донесени за да се спречи пореметување на пазарот во земјава, да се заштити производството и да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените, велат од Владата.
Ирина Гелевска
