Неизвесност за струмичани, ќе добијат ли огревно дрво до почетокот на грејната сезона?
Неизвесност кај струмичани, не знаат дали ќе добијат огревно дрво до почетокот на грејната сезона. Тендерите за сеча сè уште непоминати. Натрупани договори со платени дрва, а испорака нема. Не се склучуваат ниту нови договори...

Струмичани и општините од микрорегионот во неизвесност, ќе имаат ли огревно дрво пред почетокот на грејната сезона. Ш. С „Беласица“ засега не само што не врши достава на огревно дрво до граѓаните и општините туку и не склучуваат нови договори. До нашата редакција пристигнаа реакции од граѓани дека уште во февруари и март платиле за огрев ама сè уште немаат добиено дрва, не знаат ниту кога ќе ги добијат. Градоначалниците од помалите општини се надеваат дека пред почетокот на новата учебна година ќе им биде доставен огревот за училниците.
Ја контактиравме Јадранка Костова в.д директор на подружницата, одби да даде изјава со образложение дека била само на замена и нема ингеренции за медиумско пласирање на информации, но беше децидна дека тендерските постапки за сеча на огревно дрво биле сè уште во тек и додека не поминат, огревно дрво нема да се доставува, за потоа со поголем интензитет да се испорачува до побарувачите.
Од подружницата смируваат дека штом завршат административните бариери, сукцесивно ќе се отпочне со испорака на огревното дрво на граѓаните кои веќе си ги платиле дрвата. Дури тогаш ќе се отпочне со склучување договори со граѓаните кои до сега не го сториле тоа. Временска рамка никој не спомнува, кога ќе завршат тендерите и ќе започне испораката на огрев.
Стојне Митева
