Македонија

Македонија од денеска во портокалова фаза

21.07.2022 14:43

40 степени, портокалов метео аларм во Македонија. Од работа ослободени бремените и хронично болните. Препораки за редуцирање на движењата на отворено. Волонтери на Црвениот крст делат вода, мерат крвен притисок...

Вака изгледа Скопје во портокалова фаза. На жешкиот асфалт само автомобилите. Улиците во главниот град се речиси празни. Топлото време ги натера граѓаните да заминат на некои од летните дестинации, а оние кои останаа во градот се кријат под дебелите сенки во парковите.

Надлежните препорачаа од 11 до 17 часот да не се изглегува надвор, хронично болните и бремените жени да бидат ослободени од работа. Граѓаните кои ги сретнавме низ скопските улици велат, обврските мора да се завршат, без разлика на временските услови.

На 40 степени, волонтери на Црвениот крст им пружаа помош на граѓаните. На најфреквентните автобуски постојки им делеа вода на минувачите, им мереа крвен притисок на сите што се пожалија на здравствени проблеми.

Лекарите со препорака – граѓаните да носат лесна и светла облека, да носат шапка, да пијат течности, да се избегнуваат мрсна храна и на термички необработени производи. Особено внимателни треба да бидат хронично болните.

Портокаловата фаза ќе трае до недела.

Викторија Милевска