Политика

Македонскиот јазик има јасна антропологија

21.07.2022 15:32

Не ја разбирам потребата на Владата да го појаснува и дополнува, македонскиот јазик е стандардизиран и кодифициран-вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски најави на Извршен комитет ќе се разгледува предлогот за референдумско изјаснување. СДСМ со став-донесена е државничка одлука со која се гарантира европската иднина...

Македонскиот јазик е стандардизиран и кодифициран, не ја разбирам потребата на Владата да го појаснува, вели лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Научната јавност со право реагира, власта со унилатералната изјава за јазикот го ограничи само на територијата на државата, небаре Македонците во соседните држави зборуваат поразлично“, рече Мицкоски.

Според СДСМ, мнозинство пратеници во македонското Собрание донесе државничка одлука која гарантира европска иднина на државата.

Претставници на научно-лингвистичка јавност преку отворено писмо побара Владата да ја повлече изјавата за македонскиот јазик. Велат, изоставени се непобитни факти, а изнесени се научно неточни тврдења, вели асистентот од филолошкиот факултет Иван Антоновски.

„Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука“, велат во соопштение од МНР.

Договорот за статусот на Фронтекс ќе биде првиот билатерален договор меѓу Северна Македонија и Европската унија кој ќе содржи стандардна јазична одредба со вклучен македонски јазик – велат од МНР.

Миле Ристески