Поради високата цена на струјата можно е затворање на дел од компаниите
Енергетската криза која предизвика енормно зголемување на цените на струјата им нанесе огромни штети на македонските компании. Поради тоа од Стопанската комора на Македонија бараат поддршка од Владата бидејќи во спротивно дел од компаниите во земјава најавија затворање на компаниите или намалување на производството и отпуштање на вработените...

Ако Владата не интервенира и не им помогне на компаниите во земјава коишто се наоѓаат во тешка состојба поради високите цени на електричната енергија ќе нема друго решение освен да ги затворат своите производни капацитети или да го намалат производството и да отпуштаат работници. Ова во Охрид го рече Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој учествува на Седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски Форум на земјите од регионот.
„Нашите искуства компаративни од овие 6 држави зборуваат дека насекаде се во поповолна позиција компаниите затоа што имаат субвенционирана струја, односно утврдена струја со определена цена којашто е директно од производството сопствено на тие држави. Ние се наоѓаме на слободниот пазар и плаќаме огромни суми коишто сега се движат и до 350 евра, а можат во некоја комплицирана ситуација на прекин на рускиот гас за Европа да предизвикаат и уште двојно зголемување на цените“, изјави Бранко Азески-Претседател на Стопанска комора на РС Македонија.
Коморскиот Форум е единствена институција во регионот којашто ги обединува интересите на приватниот капитал. Тој се залага за интензивирање на соработката помеѓу компаниите што ќе овозможи и заеднички настап на трети пазари.
„Ние сме една од ретките компании која има дури и тим за соработка со локални добавувачи и подобрување на нивните знаења, можности и квалификации. И заради тоа како што беше кажано веќе имаме добавувачи освен локално од Македонија и од Босна и од Србија. Планираме да го зголемиме тој обем на соработка и со компании од другите региони на Западен Балкан“, изјави Виктор Мизо-генерален менаџер на Костал Македонија.
Претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж посочи дека за стопанствениците во сегашната економска криза е многу важна регионалната соработка, без разлика дали таа се нарекува Отворен Балкан или поинаку. Бидејќи само на тој начин тие ќе можат да остварат подобра комуникација, логистика и поуспешно да работат.
Сашо Нелоски
