Од детска фотографија до сериозен фотограф
Тројца млади тетовци од фото групата „Чкрап“ се наградени на државната изложба на фотографии „Младински салон 2014“. Златниот медал го освои Ана Андонова со својата колекција фотографии насловена „Лазар и Маце“...

14 годишната Ана Андонова од Тетово ја доби првата награда за колекција фотографии на државната изложба „Младински Салон 2014“, во оранизација на клубот Ф7 од Куманово.
Фотографиите ги напаравила со неколку свои врсници во влезот на зградата за да ги имаат за спомен. Но, потоа решила да конкурира на оваа изложба со колекција на која се прогласени за најдобри.
Првонаградената колекција на Ана е насловена Лазар и Маце. Ова за неа е поттик да продолжи да прави дела кои високо ќе се вреднуваат.
„Ова за мене е прв конкурс и прва награда што сум ја добила и прво место. Нормално, сега можам да продолжам бидејќи имам голем поттик“, изјави Ана Андонова – Фотограф.
Таткото на Ана, Зоран Андонов, е долгогодишен новинар и фотограф. Вели дека сите млади треба сами да изберат со што ќе се занимаваат, а потоа да учат чекор по чекор.
„Само така ќе можат да се постигнат резултати и секако потребно е многу учење, многу истрачување, многу работа за да се добие нешто“, вели Зоран Андонов – Фотограф.
„Од мала ја слушам дефиницијата што е фотографија, кои грешки се за срамота да се прават. Фотографијата е комплицирана, иако изгледа толку едноставна. Има многу да се учи за фотографија“, смета Ана.
На оваа државна изложба награди зедоа уште двајца млади тетовци. Бронзен медал за колекција фотографии доби Александра Новеска, а диплома за поединечна фотографија доби осмооделенецот Ханис Багашов. Тројцата наградени се од фото групата Чкрап од Тетово.
Зоран Јовановски
