МТСП

МТСП: Објавен јавен повик за финансирање на социјални услуги во општините

22.07.2022 11:34

Министерството за труд и социјалната политика објави јавен повик со кој ги повикува општините, во партнерство со даватели на социјални услуги согласно Законот за социјална заштита, да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво. Повикот е во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка...

Министерството за труд и социјалната политика објави јавен повик со кој ги повикува општините, во партнерство со даватели на социјални услуги согласно Законот за социјална заштита, да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво. Повикот е во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка.

Општините, заедно со давателите на услуги можат да аплицираат со најмногу 1 предлог-проект за следните социјални услуги: Услуги на советување, услуги во домот (помош и нега во домот и лична асистенција), услуги во заедницата (центар за дневен престој за бездомни лица, центар за дневен престој за лица со попреченост, центар за дневен престој за лица со попреченост со индивидуална работа, центар за дневен престој за стари лица, центар за дневен престој за стари лица со активно стареење, центар за рехабилитација, центар за привремен престој на деца кои ќе се затекнат без родителска грижа или како скитаат и деца жртви на злоупотреба, центар за бездомници, центар за жртви на семејно насилство, центар за жртви на родово-базирано насилство и центар за жени жртви на сексуално насилство и силување, центар за жртви на трговија со луѓе, центар за одмена на семејна грижа).

На општините и давателите на услуги кои ќе решат да се пријават на Јавниот повик за добивање грант за развој на социјалните услуги ќе им биде обезбедена директна поддршка за подготовка на документите за апликација на повикот вклучувајќи ги и предлог-проектите во периодот од 22 јули до 25 август 2022 година. Потоа ќе биде извршена евалуација на проектните апликации, а реализацијата на избраните проекти ќе трае 18 месеци по потпишување на договорите за грант, но не подоцна од 30 јуни 2024 година.

Јавниот повик е дел од Компонента 1 на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој има за цел да го зајакне целокупниот систем на социјална заштита и да го подобри обезбедувањето услуги и пристапот кон услугите за постојните корисници на социјалната заштита и за ранливи групи кои во моментов не се опфатени со неа. Активностите се насочени кон промовирање на зголемен пристап до парични надоместоци и услуги за граѓаните, но и креирање нови услуги што ќе овозможи социјално вклучување и зголемена вработливост на социјално ранливите категории и нивна ефективна инклузија во општеството.