Европа

Пожари и високи температури пустошат низ Европа

22.07.2022 12:22

Стариот континент зафатен од енормно високи температури неколку недели. Досега незапаметено високи температури се забележани во делови од Европа. Повеќе земји сè уште се справуваат со огнената стихија. Критично во Словенија. Во Италија забележано првата жртва од пожарите...

Немилосрдниот топлотен бран пустоши на стариот континент. Живата во термометарот соборува рекорди. По Франција, во делови на Белгија издадено црвено предупредување. Портокалов аларм прогласен во 10 региони во западна Романија. Метеоролозите предупредуваат-се очекуваат поголеми горештини и температури над 42-иот целзиусов степен. Спас се бара во градските фонтани и прскалки.

„Многу е топло, но како што гледате носам капа, пијам вода. За жал, денес морав да излезам во погрешно време. Обично излегувам рано наутро, или доцна навечер.“

„Пијам многу сокови и тоа е тоа.“

Топлото време создаде проблеми и на југот од земјата. Градот Крајова има недостиг на вода за пиење. Властите воведоа рестрикции во ноќните часови за да се надополнат резервите преку ден.

„Беше малку тешко на почетокот, но сега се навикнавме.“

Високите температури причина и за многуте пожари. Огнената стихија и натаму пеплосува во Словенија. Пожарот што се прошири од Италија уништи над 2 илјади хектари, и е еден од најголемите што словенците го паметат. На италијанска страна, пријавена и првата жртва. Експертите тврдат екстремните горештини се предизвикани од климатските промени. Шумските пожари почнуваат порано во текот на годината, стануваат се почести, потешко се гаснат и предизвикуваат поголеми штети.

„Пожарите што горат во јужна Европа, особено на Пиринејскиот полуостров, во Грција и на балканот или на блискиот исток се толку силни што дури и расположливите средства за гаснење честопати не се доволни“, Јохан Голдамер, директор за глобален мониторинг на пожари.

Иако поголемиот дел од пожарите околу Атина се изгаснати, ризикот од пожар останува голем – десетици куќи изгореа во предградијата на Атина.

„Пред неколку часа тоа беше мое засолниште сега гледам само остатоци. Не сфатив што се случи, сè уште сум во шок.“

„Одев низ оган, насекаде хаос. Ја паркиравме колата, ја прескокнав вратата, огнот се ширеше. Најважно е дека успеавме да си ја спасиме куќата.“

Европската Унија овој месец забележа дека во текот на изминатите пет години ова се најинтензивните шумски пожари досега и дека сегашната суша на континентот може да стане и најлошата.

Бојана Крстевски