Спектакл со Стефан Миленковиќ и ансамблот „Камерата“
Вечерва на летната сцена Долни Сарај во рамките на Охридско лето фестивалската публика ќе има можност да проследи уште еден музички спектакл. Ќе настапи светски познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ заедно со ансамблот „Камерата“ од Нови Сад. Тие ќе го изведат уникатното дело „Кармина Бурана“ од Карл Орф...

На летната сцена Долни Сарај вечерва во рамките на Српската вечер на Охридско лето публиката ќе може да го проследи настапот на светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и ансамблот „Камерата“ од Нови Сад коишто ќе го изведат уникатното дело „Кармина Бурана. На денешната средба со новинарите Миленковиќ рече дека отсекогаш сакал да го отсвири ова дело за големи оркестри, два хора и две пијана и таа желба му се остварила. Така што верзијата што ќе ја отсвират којашто ја аранжирала Ана Крстајиќ е поблиска до оригиналот.
„Тоа е верзија за виолина и камерен оркестар. На тоа додадовме и некои дела коишто се вклопуваат на овој или оној еклектичен начин во целата програма. Тоа се „Три прелудиуми“ од Гершвин, делото од Пјацола „Лето“, затоа што е лето и Квин на Фреди Меркјури со „Боемската рапсодија“, дело кое моравме да го вклопиме затоа што е безвременска балада“, рече Стефан Миленковиќ, виолинист.
„Голема чест и задоволство ние што конечно ќе настапиме на вашиот познат фестивал Охридско лето. Задоволството е уште поголемо поради тоа што ќе настапиме со нашиот драг пријател Стефан Миленковиќ и тоа со фантастична програма која не може да биде подобра кога се реализира на едно вакво прекрасно место“, вели Марко Милетиќ, уметнички раководител на „Камерата“ Нови Сад.
Ова ќе биде уште еден проект со врвен квалитет и реномирани уметници којшто изобилува со енергија, страст и врвна интерпретација.
„Стефан Миленковиќ многупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика која не остана рамнодушна на ниту еден негов настап, но овој исклучителен виолинист ги воодушевува и љубителите на музиката низ целиот свет“, рече Наташа Поповиќ, директор на Фестивалот „Охридско лето“.
Миленковиќ најави спектакл на отворена сцена бидејќи Охрид отсекогаш бил инспирација за него, уште од неговиот прв настап во Света Софија кога имаше само 7 години.
Сашо Нелоски
