Табановце

Олеснета размена и транзит, но сè уште метеж

22.07.2022 14:29

Партнерскиот однос меѓу нашата земја и Република Србија, ја олесни размената и транзитот на стока и патници на граничните премини Табановце-Прешево. Ова го истакнаа при денешната посета на премините министрите за транспорт и врски на Македонија и Србија, кои извршија увид врз реконструираните и проширените ленти на т.н едно застанување. Најавено е дополнително проширување, но и соработка во железничката инфраструктура. Но и покрај успешното спроведување на концептот Отворен Балкан, на Табановце денеска имаше редици возила. Граѓаните револтирано посочуваа дека чекаат по неколку часа...

Олеснета е размената и транзитот на стока и патници на граничните премини Табановце-Прешево. Со примената на „едно застанување“ значително се намалени постапките за влез и излез од двете земји, посебно за товарниот транспорт каде се воведени и зелени ленти за брз проток на стока. Отворен Балкан, ги дава резултатите. Ова го истакнаа министрите за транспорт на Македонија и Србија, кои извршија увид во реконструираните простории и новопоставени кабини и рампи.

Република Северна Македонија останува партнер со соседите во креирање на заеднички политики и мерки за зголемување на регионалната соработка, за олеснување на трговијата и транспортот, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Македонија и Србија планираат и проект за изградба на заедничка железничка станица на Табановце, на ист принцип со едно застанување.

Најдобра граница е она на која луѓето можат слободно да поминат и ако ние не направиме такви граници, едноставни гранични процедури ќе ја осудиме нашата економија на стагнација, посочи Томислав Момировиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Република Србија.

Царинската управа работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила. Во тек е постапка и за проширување на граничните премини Деве Баир и Ќафасан.

Веќе ја отворивме и иницијативата да отвориме едно застанување на и на граничниот премин Пелинце-Прохор Пчински само за патнички возила, нагласи Славица Кутиров, директорка на Царинска управа.

Граничниот премин Табановце-Прешево е еден од најфреквентните во регионот.

И покрај проширувањето на лентите, и укажувањата на надлежните дека значајно е забрзан протокот на ГП Табановце-Прешево, денеска овде можеше да се забележат редици возила кои чекаа по неколку часа за да ги поминат царинските контроли.

Патниците од кои повеќето се упатиле на летни одмори, револтирано прашуваа ова ли е Отворен Балкан.

Чекаме околу еден час, треба да се забрза ова чекање, стоиме не се поместуваме, вели еден граѓанин.

Ова е страшно, 40 степени, ние двајца и две деца страшно е, дополни друг патник.

Според податоците за еден месец на овој премин поминале над 130.000 патнички возила.

Елена Георгиевска