Партии

Дијаметрално спротивставени ставови

22.07.2022 14:43

Референдумот да биде приоритет, порача лидерот на опозицијата Мицкоски. Очекува дека и власта ќе даде зелено светло, бидејќи смета – ова е најдобар начин граѓаните да се изјаснат за преговарачката рамка. Од СДСМ велат референдум не е потребен референдум, бидејќи македонскиот јазик и идентитет се загарантирани. Додаваат оти нема да дозволат дестабилизација на државата...

Партиите повторно со дијаметрално спротивставени ставови околу почетокот на преговорите со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ смета дека е асимилаторски и како најважен приоритет го смета одржувањето на референдум. Нагласи дека многу е важно да имаат можност граѓаните да се изјаснат, а власта да покаже демократски капацитет да прифати референдумско изјаснување. Опозициската партија повтори дека нејзините пратеници се гарант дека нема да има промена на Уставот, што е услов за отворање на поглавја.

„Гарант дека нема да има промена на уставот е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот даден збор. Под овие услови вакви асимилаторски и хегемониски што ги содржат и договорот и протоколот со нашиот источен сосед, но и потенцијалната верзија на преговарачката рамка којашто сè уште јавно не е усвоена или презентирана. Така што тоа е сега приоритет над сите приоритети, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не се води од партиските интереси, ниту пак јас се водам од партиските интереси, туку од интересите на граѓаните и тоа што е најважно за државата.“, изјави Христијан Мицкоски-претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

На Мицкоски му пропаднаа сите напори да ја закочи државата и да ја блокира европската иднина, велат од СДСМ. Додаваат дека нема да дозволат дестабилизација на државата.

„Најавите за референдум против заклучоците на Собранието за заштита на македонскиот идентитет, и против македонски јазик во ЕУ не се ништо друго освен обична фарса на Мицкоски за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните многу добро знаат дека токму ВМРО-ДПМНЕ бараше референдум и за договорот од Преспа а потоа истиот го бојкотираше. По налог на Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ собираа потписи и за иницијатива за референдум за пописот, па потоа се откажаа. Тоа што сè уште не знаат какво прашање да постават пред граѓаните зборува дека на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не им важен ниту македонскиот јазик, ниту интересите на граѓаните“, изјави Богданка Кузеска-портпарол на СДСМ.

Од СДСМ оценуваат дека не е потребен референдум којшто е против македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ.

Ирина Гелевска