„Од август кризна состојба, не чека најтешка зима“
Државата планира во август да прогласи кризна состојба поради електричната енергија. Министерот за економија информира дека ќе се носат различни мерки, вклучително и рестрикции. Ситуацијата е сериозна и непредвидлива, не чека тешка зима, вели Бектеши...

Владата одлучи, во август ќе прогласи енергетска кризна состојба во земјава. Рестрикции ќе има ако се влоши состојбата и се соочиме со забрана за увоз на струја во регионот – најави министерот за економија. Не чека најтешката зима, прашање е дали ќе има доволно да се преживее и во грејната сезона. Бектеши уверува – државата се подготвува да обезбеди поголемо домашно производство и алтернативни начини за снабдување со енергенси а одлуката е донесена за да се отвори можноста на комисијата да обезбеди финансиска поддршка на фирмите.
ЕСМ доби 100 милиони од ЕБОР поддршка за ликвидност, да купува електрична енергија, ако има недостаток на енергенси од домашните капацитети. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, и Неготино. Договорен е увоз на јаглен од Грција и Албанија, ќе се договара и со Косово. Хидроакумулациите се на повисоки ниво од лани – информира Бектеши. Но ако е потребно за да ги задоволи политичките интереси на Европската комисија, ако биде сопрен гасот, земјава ќе го замени со мазут и по цена на загадувањето на животната средина.
Во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе се разговара за потребите на секоја држава за одредени производи или струја со евентуално укинување на забраната за извоз. Бектеши тврди дека има доволно количини на лебно жито за задоволување на годишните потреби. Со ограничување на маржите се очекува и намалување на цените на основните прехранбени производи но, реалноста во маркетите вели дека цената на лебот расте.
Сузана Фиданска Стоевска
