Украина

Војската ги одбива руските напади

23.07.2022 09:40

Украинските сили успешно ги одбиваат руските напади врз електраната Вухлехирск, а Москва ги гранатира градовите Краматорск и Сиверск, соопшти британското воено разузнавање...

Украинските сили успешно ги одбиваат руските напади врз електраната Вухлехирск, а Москва ги гранатира градовите Краматорск и Сиверск, соопшти британското воено разузнавање.

Киев оцени дека за прв пат стекнал „значаен потенцијал“ да ги унапреди своите сили на бојното поле. Вухлехирск е втората по големина електрана во Украина и стратешка инфраструктурна цел што руските сили сакаат да ја освојат.

Претседателот Зеленски рече дека прекин на огнот без враќање на териториите само ќе ја продолжи војната. По потпишувањето на договорот за извоз на украинското жито претседателот на Турција, Ердоган изјави дека тоа ќе „спаси милијарди луѓе кои се соочуваат со глад“ поради блокадата на украинските пристаништа.

Рускиот министер за одбрана Шојгу, инаку потписник на договорот истакна дека Русија „презема обврска“ дека нема да ја искористи ситуацијата. Министерот Лавров, пак, вели дека Русија не ја поттикнува кризата со храна и ќе продолжи да ги исполнува меѓународните договори. Претходно Европска унија го поздрави договорот за извоз на украинското жито, оценувајќи го како „критичен чекор напред“. Во меѓувреме американскиот претседател Бајден ја задолжи својата администрација да обезбеди дополнителна воена помош за Украина.