Целосно дигитализирање на фондот на браќата Манаки
Убави вести од одделението на Државниот архив во Битола. Со веќе одобрениот грант од 46.300 фунти на фондацијата Аркадиа во рамките на програмата на Британската библиотека од Лондон во септември ќе започне комплетното дигитализирање на Фондот 580 на браќата Манаки. По завршувањето на двегодишниот проект фондот на Манакиеви ќе биде поставен на платформата на Лондонската Библиотека и ќе биде достапен за светските истражувачи...

Од септември во Одделението на Државниот архив во Битола започнува двегодишниот проект со кој целосно ќе се дигитализира и адекватно заштити Фондот 580 на првите балкански сниматели. Тоа го овозможува веќе одобрениот грант од 46.300 фунти од фондацијата Аркадиа во рамките на програмата на Британската библиотека од Лондон. Ова е огромен чекор напред во процесот кој започна пред неколку години и досега само пет проценти е дигитализиран и скениран огромниот материјал од 20.000 фајлови, велат од битолското одделение.
Ако Камера 300 и Интернационалниот фестивал на филмската камера нивните имиња ги внесе во филмскиот свет, реализацијата на овој проект ќе ги одведе во светот на истражувачите. Констатација која се совпаѓа со фотографската визија на Манаки „Една За мене, една за историјата“.
Ако фотоматеријалот на Манакиеви се подели тематски тогаш на менито има место за повеќе истражувачки вкусови. Деновиве беше презентирана фото темата облека односно периодот кога во Битола навлегувала западната мода или „А ла Турка“ модата, битолчани ја заменувале со „А ла Франка“.
Стевче Митревски
