Воен конфликт

Русија продолжува со воени дејствија во Украина

23.07.2022 12:33

Руските воените дејствија во Украина не запираат. Стејт Департментот потврди дека загинале двајца американци кои се бореле за украинската војска. Нема примирје додека не се вратат окупираните територии-порака од Зеленски. Позитивни реакции по договорот Москва-Киев за деблокада на извозот на украинско жито...

Украинските сили успешно ги одбиваат руските напади врз електраната Вухлехирск, а Москва ги гранатира градовите Краматорск и Сиверск, соопшти британското воено разузнавање. Киев оцени дека за прв пат стекнал „значаен потенцијал“ да ги унапреди своите сили на бојното поле. Вухлехирск е втората по големина електрана во Украина и стратешка инфраструктурна цел што руските сили сакаат да ја освојат. Претседателот Зеленски рече дека прекин на огнот без враќање на териториите само ќе ја продолжи војната.

„Ова е уште една демонстрација дека Украина може да издржи во оваа војна. Најважно е дека нашата земја мора да контролира се во територијалните води на Украина. На сите им е јасно дека може да има провокации од страна на Русија и обиди за дискредитација на украинските и меѓународните напори“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

По потпишувањето на договорот за извоз на украинското жито претседателот на Турција, Ердоган изјави дека тоа ќе „спаси милијарди луѓе кои се соочуваат со глад“ поради блокадата на украинските пристаништа. Рускиот министер за одбрана Шојгу, инаку потписник на договорот истакна дека Русија „презема обврска“ дека нема да ја искористи ситуацијата. Министерот Лавров, пак, вели дека Русија не ја поттикнува кризата со храна и ќе продолжи да ги исполнува меѓународните договори.

„Тоа беше можно благодарение на напорите на руската делегација, да се задржи сеопфатната, деполитизирана природа на пакет-договорот, а со тоа да се обезбеди максимално можно движење кон земјите во развој – увозниците на храна. Русија ќе продолжи да биде верна на нејзините обврски во оваа област. Користењето на храна од страна на САД и нивните сојузници во интерес на геополитичките авантури е неприфатливо и нехумано“, изјави Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.

„Нема да славам поради овој договор од една едноставна причина што овој договор е рамка и многу ќе зависи од тоа како ќе се спроведе и како ќе функционира заедничкиот центар за координација. Имаме договор, но не знам дали ќе успее“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Претходно Европска унија го поздрави договорот за извоз на украинското жито, оценувајќи го како „критичен чекор напред“. Во меѓувреме американскиот претседател Бајден ја задолжи својата администрација да обезбеди дополнителна воена помош за Украина.

Марина Ристова