Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања
Претопување на македонскиот народ, усвоени документи со кои се бришат јазикот и идентитетот, не почнаа преговорите со Брисел, нема да поддржиме уставни измени-велат во ВМРО-ДПМНЕ. Јазикот е јасно заштитен-порачуваат од СДСМ и дополнуваат-владејачката партија е против фарсата на Мицкоски со референдумот...

Власта и опозицијата во костец. Дали е потребен или не референдум за францускиот предлог. ВМРО-ДПМНЕ со став дека само народот може да каже дали Владата постигна историски успех, или историски чин на предавство, асимилација и бугаризација. Според партијата, Македонија не почна со преговори, а владата прифати документ којшто не носи европска иднина, туку асимилација, само со една цел, фотографирање во Брисел и нова лага за купување ден повеќе на власт. Гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски нагласува дека партијата нема да подржи измени на Уставот.
Антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица си поигруваат со чувствата на граѓаните, им сервираат лаги за продажба на идентитетот и јазикот – реагираат од СДСМ. Најавите за референдум против заклучоците на Собранието за заштита на македонскиот идентитет, и против македонскиот јазик во ЕУ не се ништо друго освен обична фарса на Мицкоски за внатрешна употреба, за неговите проблеми во ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението на владејачката партија се нагласува дека СДСМ заедно со граѓаните нема да поддржи референдум којшто е против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ.
Миле Ристески
