Зеленски: Украинската армија напредува кон Херсон
Украинските сили постепено напредуваат кон областа Херсон, која беше окупирана од Русија на почетокот на инвазијата на Украина, рече претседателот Зеленски...

Украинските сили постепено напредуваат кон областа Херсон, која беше окупирана од Русија на почетокот на инвазијата на Украина, рече претседателот Зеленски. Руската армија, која го започна својот напад од Крим, ја зазеде областа на почетокот на март. Според украински извори, со руски проектили биле нападнати градот и пристаништето на Одеса на црното море, по потпишувањето на договорот за обновување на извозот на украинското жито блокирано со месеци.
„Рускиот ракетен напад врз Одеса, на нашето пристаниште, е циничен и беше удар врз политичките позиции на самата Русија. Ја гледаме апсолутната едногласност на светската реакција на овој удар. Окупаторите веќе не можат никого да измамат. Меѓу другото, како резултат на овој удар, оштетена е и зградата на Музејот на уметност во Одеса, нешто што е наследство не само на украинската култура, туку и на културата на Европа“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„За прв пат имам непријатно чувство. Но фала богу имаме пристап до подрум. Гаража. И слеговме. Јас сум доктор, со пациенти. Докторите слегоа и ги придружуваа пациентите. Во принцип, сè беше мирно. Но, некои се плашеа“, рече жителка на Одеса.
„Летаа проектили, видовме еден кој беше соборен. Потоа полетаа следните, бевме многу исплашени, истрчавме до засолништето за бомби. Беше непријатно, гласно, бучно“, рече жителка на Одеса.
Москва негира каква било одговорност. Руските власти ги информираа турските колеги дека Москва „нема никаква врска“ со ракетниот напад. Пентагон соопшти дека САД ја разгледуваат можноста за испраќање на американски борбени авиони во Украина. Во меѓувреме, британскиот премиер во заминување Џонсон на социјалните мрежи сподели видео од обука на украински војници во северен Јоркшир на кои им се придружил.
