„Харма Фрут“ ќе инвестира шест милиони евра во Македонија
15.04.2014 11:19
За плановите за работа на фирмата што ја регистрира во Македонија со името „Агритера“ грчкиот инвеститор денеска разговараше со министерот за странски инвестиции Џери Наумоф...
Грчката компанија „Харма Фрут“ ќе инвестира шест милиони евра во Македонија, а до крајот на годинава најавува изградба на центар за откуп и пакување земјоделски производи и ладилник во Гевгелија, во што ќе вложи три милиони евра, соопштуваат од кабинетот на министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф.
За плановите за работа на фирмата што ја регистрира во Македонија со името „Агритера“ грчкиот инвеститор денеска разговараше со министерот за странски инвестиции Џери Наумоф. Одлуката за инвестирање ја донеле по консултации со Наумоф и претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Агритера“ е изненадена од конкурентната бизнис клима што Македонија ја нуди на инвеститорите и овозможува извоз на висококвалитени земјоделски производи во Европа и пошироко, изјави министерот Наумоф.
Покрај 3-те милиони евра што ќе бидат инвестирани годинава во откупниот центар, „Агритера“ планира да вложи дополнителни три милиони евра. Сопственикот на „Агритера“ Кристос Келесидис вели дека идеалната местоположба, поволните климатски услови и квалитетот на земјоделските производи биле пресудни да донесат одлука за инвестирање во Македонија.
„Харма фрут“ е една од најголемите грчки компании за откуп на земјоделски производи со 20 годишно искуство. Своите производи ги пласира на пазарите во Европа, Блискиот Исток и Русија.
