Куманово

Претпријатијата ги зголемија цените на услугите

24.07.2022 14:54

Дел од кумановските претпријатија ги зголемија цените на услугите. Покачувања следат поради економската криза. Граѓаните негодуваат, нагласувајќи дека семејниот буџет е сè помал...

Поскапувањето на енергенсите, како и покачувањето на минималната плата, ги принуди јавните комунални претпријатија, да ги качат цените на услугите. Кумановци ќе плаќаат повисоки сметки за ѓубрарина. Советот веќе го прифати барањето на „Чистота и зеленило“, па собирањето и транспортирање на комунален отпад за правните и физички лица ќе се зголеми за 25 и 50 отсто. Најголемо зголемување за дури 50 отсто е за домаќинствата во градското подрачје, кои наместо три, ќе плаќаат 4,5 денари. Граѓаните со реакции, покачувањето доаѓа во најголемата економска криза.

„Со мали пензии тешко се опстанува, треба тоа да остане на иста цена, не треба да се зголемува-вели еден граѓанин.“

„Се се качува, страшно е, ако се качува нека ги зголемат пензиите, платите на младите, не може да се опстане вака, тешко е-дополнува друга граѓанка.“

„Добро е да се задржат старите цени, но не можат да издржат ниту тие, нафтата е скапа, работниците, не можат да се одржуваат и затоа мора да ги покачат цените-дополнува друг.“

И јавното претпријатие „Пазаришта“ ги зголеми цените за закуп на тезги, во просек од 25 проценти. Пред одлуката цените се движеа од 1.820 до 3.050 денари во зависност од поставеноста. Сега, за прва категорија ќе се наплаќа 3.850 денари. Од претпријатие укажуваат дека и ова не е доволно за нормално функционирање.

„Се надеваме дека благо ќе почне електричната енергија да се намалува, инаку ако Власта не ја изменаџира оваа криза, ќе биде голем проблем особено во зимскиот период“, истакна директорот на ЈП Пазаришта Куманово, Гзим Кадриу.

Од „Пазаришта“ апелираат за помош од државата, односно субвенции за плаќање на сметките за електрична енергија.

Елена Георгиевска