Македонија

Пожарот кај Ѓавато ставен под контрола, изгоре само стара куќа

25.07.2022 09:57

Пожарот кај Ѓавато ставен под контрола. Надмината е опасноста огнот да се прошири во селото. Сè уште гори кај сртот на местото наречено Погана. Од Центарот за управување со кризи предупредуваат дека ситуацијата зависи од правецот на ветерот.

Една стара куќа е зафатена од огнот кај Ѓавато, но според Центарот за управување со кризи селото ќе се спаси од пожар. На официјалната Фејсбук страница тие информираа дека огнот е пресечен пред селото.

Со голем ангажман на пожарникарите и лицата коишто го бранеа селото Ѓавато од огнената стихија, огнот е контролирано пресечен на 150 метри од селото и свртен во правец на црквата и гробиштата и не е навлезен во селото, според досегашните информации.

Дежурните пожарникарски мешани екипи се распоредени со возила на 50 метри во линија пред селото и ќе се обидат да ја одбранат таа линија до утре наутро.

Огнот засега има зафатено само една стара куќа на периферија од селото, а пожарникарите ја гасат во моментов, велат од ЦУК. Инаку, вчера околу 2 часот попладне, започнат е пожарот во нивите покрај селото, а подоцна истиот е проширен во шума на место наречено Погана помеѓу Гевгелија и Богданци.

Пожарот, заради метеоролошките услови со ветер и теренските услови – непристапност и густа вегетација, се проширил во обем за загрозување на пумпната станица за вода Ѓавато за Дојранско Езеро и просторот под големите ветерници во таа околина, како и селото Ѓавато.

Побарано е да се активира еден хеликоптер за гаснење на непристапните места.

Стојне Митева