Македонија

Гром предизвика неколку пожари во Куманово

25.07.2022 10:05

Удари на гром предизвикаа неколку пожари во Куманово. Гореше сува трева и борови насади. По брзите реакции на пожарникарите, огнот беше ставен под контрола.

Електричните празнења при синоќешното невреме, предизвикаа неколку пожари во Куманово. Пожарникарите од територијалната противпожарна единица интервенираа на гаснење на бор и сува трева во месноста Проевце односно кругот на Ловачки дом.

Пожар имаше и на запалена висока трева во близина на градските гробишта. По брзата интервенција на пожарникарите, огнот беше ставен под контрола.

Според податоците од Регионалниот центар за управување со кризи, кумановските пожарникари интервенираа и на запален помошен објект и сува трева во село Долно Којнаре, како и во Студена бара, и локалитет Средорек и населба Перо Чичо. За овие пожари нема податоци дали се предизвикани од удари на гром.

Во Старо Нагоричане во текот на изминатите 24 часа, немало интервенции.

Инаку во кумановскиот регион засега не се регистрирани поголеми пожари предизвикани од високите температури. Лани североистокот беше еден од најкритичните.

Елена Георгиевска