Невремето во Кочани предизвика голема материјална штета
Синоќа Кочани беше погодено од силно невреме, пороен дожд и силен ветар. Поплавени се домови и дуќани, оштетени повеќе возила, а невремето предизвика и штети во електричната мрежа. Од ноќеска на терен се пожарникари од регионот и комуналните претпријатија. Повредени нема, но материјалната штета е голема.

Поплавени објекти, паднати дрва, пожари предизвикани од електричната мрежа е билансот од синоќешното невреме во Кочани. Најпогодени се објектите на улиците „Роза Петрова“ и „Лазар Андонов“, а под вода се ниските дуќани во Трговскиот центар и подрумските простории на Основното училиште „Кирил и Методиј“.
Од ноќеска на терен се пожарникари од Кочани и Штип, доброволното противпожарно друштво, комуналните претпријатија и екипи на ЕВН со чија помош се отстрануваат бројните дефекти на мрежата заради искинати кабли.
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов информира дека причинета е голема материјална штета која ќе се утврдува деновите и за среќа нема повредени. Кочанчани вакво невреме велат дека се случило пред 10 години и тоа главно во руралните средини.
Славица Величковска
