Македонија

Програмата на „Охридско лето“ ја воодушевува публиката

25.07.2022 11:20

И ова 62-ро издание фестивалот „Охридско лето“ со квалитетната програма ги исполни очекувањата на публиката и го задржа високото реноме коешто го ужива во светот. Во првите десеттина фестивалски вечери музичките и театарските настани ги исполнија гледалиштата со публика, а така се очекува да биде до крајот на оваа музичко-сценска манифестација во која ќе бидат вклучени илјада уметници од дваесет и пет земји...

И ова 62-ро издание фестивалот „охридско лето“ со квалитетната програма ги исполни очекувањата на публиката и го задржа високото реноме коешто го ужива во светот. Во првите десеттина фестивалски вечери музичките и театарските настани ги исполнија гледалиштата со публика, а така се очекува да биде до крајот на оваа музичко-сценска манифестација во која ќе бидат вклучени илјада уметници од дваесет и пет земји.

Првата четвртина од најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава Фестивалот „Охридско лето“ на публиката и овозможи незаборавни мигови на летните сцени, во катедралната црква Света Софија и во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во официјалниот дел од програмата беа реализирани седум музички настани и три театарски претстави.

„Можеби звучи нескромно но овогодишното 62-ро издание и отворањето на Охридско лето навистина беше на високо ниво,спектакуларно отворање од четирите тенори придружувани од Националната опера и балет под диригентската палка на италијанскиот диригент Лоренцо Бизари, што би рекла дека од отворањето на познатиот тенор Хозе Карерас ова би било едно од подобрите“, изјави  Наташа Поповиќ-директор на Фестивалот „Охридско лето“.

Силен впечаток оставија и гудачкото трио од Полска, Народниот театар од Битола и се разбира концертот на светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ, придружуван од камерниот оркестар „Камерата“ од Нови Сад со уникатниот спектакл „Кармина Бурана.

„Ни останува и не очекува уште многу богата програма и во музичкиот дел и во театарскиот дел, роденденскиот концерт на 4-ти август којшто ќе биде реализиран на Античкиот театар. За прв пат на Балканот доаѓа Националниот фламенко денс од Севиља“, рече директорката „Охридско лето“,  Наташа Поповиќ.

Како што велат од дирекцијата на манифестацијата, летото во Охрид започнува и завршува со фестивалот, а публиката ја очекуваат уште бројни пријатни изненадувања во наредните триесеттина фестивалски вечери.

Сашо Нелоски