ЕУ ја одобри првата вакцина против мајмунски сипаници
Данската биотехнолошка компанија „Баваријан нордик“ објави дека Европската комисија дала одобрение нејзината вакцина „Имванекс“ да се продава како заштита од мајмунски сипаници, како што беше препорачано од Европската агенција за лекови минатата недела...

Данската биотехнолошка компанија „Баваријан нордик“ објави дека Европската комисија дала одобрение нејзината вакцина „Имванекс“ да се продава како заштита од мајмунски сипаници, како што беше препорачано од Европската агенција за лекови минатата недела.
Ова следува само ден откако Светската здравствена организација го прогласи последното ширење на мајмунски сипаници за глобална итна здравствена ситуација, што е највисок степен на тревога. Досега се регистрирани повеќе од 16.000 случаи во 75 држави во најголемото ширење на вирусот надвор од Африка досега.
„Достапноста на одобрена вакцина значително ќе ја подобри подготвеноста на државите да се борат против новите болести“, изјави извршниот шеф на „Баваријан нордик“, Пол Чаплин.
Вакцината на БН е вакцина против сипаници што Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри во петокот како вакцина за употреба во превенција од мајмунски сипаници, откако САД и Канада веќе го направија тоа.
„Одобрението важи за сите членки на ЕУ, како и за Исланд, Норвешка и Лихтенштајн“, кажаа од компанијата.
СЗО во саботата истакна дека во моментов се работи за епидемија која се проширила главно меѓу мажите кои имаат секс со мажи, особено оние кои имаат тенденција да имаат повеќе сексуални партнери. Тоа значи, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, дека се работи за епидемија која може да се запре со примена на вистинската стратегија во одредени групи.
Мајмунските сипаници се карактеризираат со рани на кожата кои можат да се појават на гениталиите или на устата. Болеста е придружена со треска, болки во грлото и болки во лимфните јазли и осип кој наликува на осип што се јавува кај сипаници. Болеста обично поминува сама по себе, но може да биде многу болна.
Се смета дека вакцинацијата против сипаници обезбедува цврста заштита од мајмунски сипаници, но не е познато колку долго трае заштитата по вакцинацијата. Досега вакцината Имванекс беше одобрена во Европската Унија за превенција од инфекција со сипаници кај возрасни. Содржи жива модифицирана форма на вирус наречен vaccinia Ankara, кој е поврзан со вирусот на сипаници.
