Туристи од Израел повторно летуваат на брегот на Охридското Езеро
По двегодишна пауза, од почетокот на јули обновена е авио- конекцијата Тел Авив – Охрид. До крајот на август ќе има по три чартер летови неделно. Израелците важат за пребирливи туристи, но и вљубеници во земјава …

По двегодишна пауза на брегот на Охридското Езеро се вратија туристите од Израел. Обновена е авио- конекцијата Тел Авив – Охрид. Почнувајќи од 8-ми јули до крајот на август ќе се реализираат по три чартер летови неделно. Сместени се на струшкото крајбрежје, но ги посетуваат Скопје, Битола, Охрид и манастирот Свети Наум.
Израелците се познати по засилените мерки на обезбедување кои овие гости ги бараат, но земјава за нив е интересна туристичка дестинација.
„Повторно ќе имаме дестинации од коишто до 2019-та имавме раст на туристи. Очекуваме 2022-ра да имаме 2,5-2,6 милиони ноќевања. Дај боже да ја надминеме и таа бројка и да имаме 4-ка напред на девизниот прилив, тогаш сме успеале многу повеќе“, вели Љупчо Јаневски директор на АППТ.
Израелците важат за пребирливи туристи, но и вљубеници во земјава. Заинтересирани се за културно-историските знаменитости, црквите, историјата и природните убавини.
„Очекуваме од 20 до 30 чартери токму во оваа сезона, но се надевам дека ќе бидат повеќе. Но, и колку да бидат, тоа е добар сигнал дека сè повеќе и повеќе се фокусираат на оваа дестинација. Ќе имаме и дополнителни кружни тури со израелски туристи коишто ќе остануваат во нашата дестинација два до три дена“, додава Јаневски.
Овој туристички коридор со Израел беше возобновен во 2015-та година, но прекинат во пандемијата. Пред пандемијата, во текот на сезоната околу 5.000 Израелци летуваа на брегот на Охридското Езеро, годинава се очекува да има околу 3.000 туристи од Израел.
Соња Рилковска
