Ординациите на матичните лекари преполни, најголемиот број пациенти со ковид-симптоми
Голема е трансмисијата на новиот подвид на сојот Омикрон. Матичните го поддржуваат концептот да се отворат оддели во поликлиниките за преглед на ковид-пациенти, но одбиваат тие да дежураат…

По два – три месеци стагнација, амбулантите повторно полни. Деведесет проценти од граѓаните кои ги посетуваат своите матичните лекари се заразени со коронавирус. Лекарите велат дека само мал дел добиваат термин за тестирање на сметка на фондот и оти денеска можат да им закажат најрано за во петок, а дотогаш пациентот ќе биде оздравен. Вирусот брзо се шири, доволно е еден во семејството да има Ковид-19, за ден-два заразени се сите членови на семејството, велат лекарите.
„Повеќето се со горнореспираторни симптоми и речиси и да нема долнореспираторни инфекции. Дел од пациентите доаѓаат со гастритични симптоми, гадење, повраќање, болки во желудникот. Кај нив се дава симптоматска терапија“, вели д-р Анкица Станоевска, матичен лекар.
Понеделник тежок ден и за матичните лекари и за пациентите. Бидејќи за викендите лекари има во дежурните служби каде се прегледуваат и хроничните и ковид- болните. Затоа, првиот ден во неделата имаат по 100 прегледи. Матичните лекари сè уште не знаат како ќе функционира ковид амбулантите во поликлиниките.
„Матичниот доктор треба да биде во својата амбуланта и да ги опслужува своите пациенти. Што ќе стане ако вие денес ја затворите амбулантата. Сите овие пациенти треба да останат без здравствена заштита што е невозможно“, вели д-р Станоевска.
Младите докторите од патронажните служби, од пунктовите за вакцинација, кои работеле во ковид центри би биле добро решение за дежурство во ковид амбулантите, вели доктор Станоевска.
Матичните лекари го поздравуваат предлогот на Комисијата за заразни болести дека во поликлиниките во Скопје треба да има пунктови каде што ќе се прегледуваат пациенти со ковид симптоми. Но, мислат дека треба да се најде друго решение, други лекари коишто ќе треба да дежураат. Да не бидат тоа матичните лекари.
Наташа Јанчиќ-Менковски
