Руско-украински конфликт

Лавров: Русија има цел да ја собори украинската влада

25.07.2022 14:20

Нападот на Русија врз Украина доведе до најголема криза во светот по Втората светска војна, обвини генералниот секретар на НАТО Столтеберг. Шефот на руската дипломатија Лавров, пак, вели целта на Москва е да ја собори власта на Зеленски. Војната во Украина влезе во шестиот месец...

Војната во Украина влезе во шестиот месец. Нови напади врз источните региони Доњецк и Храков. Погодена цивилна зграда во Миколаев. Украинската армија тврди дека следен на рускиот удар е регионот Харков.

„Тие немаат доволно сили да го заземат регионот Харков. Но, нашето оперативно разузнавање вели дека тие ќе се обидат да го опколат“, изјави Генерал Сергеј „Марсел“ Мелник, началник на гарнизонот Харков.

До септември, Херсон ќе биде ослободен од окупираните руски сили, тврди украинската армија. Украина подготвува изненадувања пред почетокот на зимата, следува голем пресврт, Киев и се закани на Москва.

„Текот на војната може да се смени. Ќе продолжиме да правиме сè што можеме за да му нанесеме што поголема штета на својот непријател. Имаме значителен потенцијал да напредуваме на фронтот. Дури и окупаторите признаваат дека ќе победиме. Тоа го слушаме постојано во нивните разговори“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Кремељ ја заострува реториката. Спротивно на претходните изјави, шефот на руската дипломатија Лавров, изјави дека Русија има цел да ја собори украинската влада.

„Рускиот и украинскиот народ ќе живеат заедно во иднина. Ние дефинитивно ќе му помогнеме на украинскиот народ да се ослободи од режимот кој е апсолутно непријателски настроен кон народот и историјата“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешна политика на Русија.

И, додека светот стравува за извозот на жито, по ракетирањето на пристаништето во Одеса, Кремељ тврди дека тоа нема да влијае на транспортот.

„Нападот е поврзан исклучиво со воената инфраструктура. Ова во никој случај не е поврзано со инфраструктурата вклучена во исполнувањето на договорите и извозот на жито“, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ.

Тој, исто така додаде дека Москва нема интерес да ги запре сите испораки на гас во Европа, и како што рече, тоа не е политичко прашање, Русија беше и продолжува да биде земја која во голема мера ја гарантира енергетската безбедност на Европа.

Бојана Крстевски