Битиќи од Тирана: Со Отворен Балкан полесно го надминуваме недостатокот од храна и струја и ризиците од пожари
Владината делегација предводена од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции – Фатмир Битиќи денес во Тирана ја отвори пленарната седница на меѓувладините работни групи кои денеска и утре ќе дискутираат за детална имплементација на постигнатите договори во рамките на Отворен Балкан...

Владината делегација предводена од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции – Фатмир Битиќи денес во Тирана ја отвори пленарната седница на меѓувладините работни групи кои денеска и утре ќе дискутираат за детална имплементација на постигнатите договори во рамките на Отворен Балкан. Во воведното отворање вицепремиерот Битиќи рече: „Време е да се фокусираме на резултати, опипливи и видливи кои произлегуваат од реалните потреби на граѓаните што значи дека се автентични и органски, поттикнати оддоле а ние ги качуваме високо на нашата агенда на Отворен Балкан, затоа верувам дека Отворен Балкан е повеќе од идеја и повеќе од иницијативи, туку има полн капацитет да одговори на потребите и да даде оперативни решенија.
Целта на Отворен Балкан е сите нас да не носи напред кон развој, интеграција, конкурентност наспроти меѓусебна конкуренција, слобода на движење на 4-те слободи на Европската Унија, олеснување на процедурите, солидарност и подадена рака. Оваа идеја сите нè спојува во јасна, отворена, искрена и граѓанска намера. Денеска тука сме три земји со отворени претпристапни преговори со Европската Унија и сите знаеме колку Отворен Балкан има потенцијал да ги акселерила реформите потребни за влез во ЕУ. Преку Отворен Балкан, заедно во ЕУ. Тоа е нашиот пат и се надевам дека на истиот набрзо ќе се приклучат и другите земји од Западен Балкан.
Денеска тука се моите колеги, министри, заменици министри, државни секретари и советници кои заедно со колегите од Албанија и Србија ќе работат на утврдување на рамки на работа и протоколи и начини на кои солидарни ќе си помагаме при катастрофи и несреќи, при недостаток на храна и при енергетска криза, со што периодов се соочуваме како резултат на глобалната криза предизвикана од руската воена инвазија врз Украина, но не само. Иако секоја национална економија има свои соодветни одговори на предизвиците со кои се соочуваме, како онаа од претходната недела кога Северна Македонија воведе забрана за извоз на пченица – но, доколку оперативниот план што тука заедно ќе го работиме со колегите од Албанија и Србија покаже дека можеме и треба да помогнеме со количина на пченица за нашите сојузници од Отворен Балкан, ќе најдеме начин тоа да го направиме, како и можни начини за заеднички настап на глобалниот пазар како поголем регион или како цела Унија со земјите кандидатки.
