Пресечен уште еден меѓународен нарко-канал

15.04.2014 12:32

Запленетата дрога би достигнала цена помеѓу еден и два милиони долари на нарко пазарот во запдна Европа, за каде што и била наменета...

300 килограми марихуана вредна од 1 до 2 милиони долари вчера заплени МВР, со што пресече уште еден меѓународен нарко- канал за транспорт на оваа дрога од Албанија. Приведене се тројца македонските државјани, од кои двајца се полицајци. Марихуаната е со висок квалитет и потекнува од Албанија. Истата со кајче била илегално внесена во Македонија.

„Запленетата дрога би достигнала цена помеѓу еден и два милиони долари на нарко пазарот во запдна Европа, за каде што и била наменета“, појасни министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на денешната прес конференција.  Таа посочи дека марихуаната требало за паричен надомест од 9 илјади евра да биде транспортирана прво до Кавадарци.

Вчера на местото викано Ледиње во близина на струшкото село Радожда полициски службеници привеле две лица од Кичево на возраст од 33 и 42 години. Од нив, едниот е полициски службеник во Полициската станица за обезбедување на државната граница „Стрезимир“, кој добил инструкции од друг полициски службеник од граничниот премин. 

„Полициските службеници подоцна забележале патничко моторно возило со кичевски регистарски таблици и две лица кои почнале да товараат 9 полни патнички торби во возилото. Торбите биле полни со 206 пакувања марихуана“, појасни Јанкулоска.

По целосно расчистување на случајот од стрна на Секторот за недозволена трговија со дрога, истакна Јанкулоска, ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстани и прекурсори“.