Македонија

59 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

26.07.2022 09:45

Традиционално одбележувањето на 59- годишнината од катастрофалниот земјотрес ќе започне со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Скопје денеска одбележува 59 години од земјотресот што целосно го разори градот. Во него, животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а околу 28.000 беа оштетени. Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата.

Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца, а Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Скопје стана град на меѓународната солидарност.

Традиционално одбележувањето на 59- годишнината од катастрофалниот земјотрес ќе започне со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Во Младинскиот културен центар вечер, во 20 часот, ќе се обрати пред присутните градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која ќе ја отвори изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“.

Во 20:30 часот во Кино „Фросина“, ќе се одржи проекција на филмот „1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ“ во режија на Илија Павлов, а во 21:00 часот ќе се одржи Вечерен настан за одбележување.