Сензационална победа на Стефановски во Франција
Македонскиот автомобилист ја совлада европската елита во групата N на патеката во Сент Жан ду Гард

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе извојува сензационална победа на првата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки. Тој ја шокира комлетната европска елита во групата N и оствари најдобри времиња на патеката во Сент Жан ду Гард во Франција. Овој триумф му донесе максимални 25 бода во генералниот пласман во Европскиот шампионат.
Популарниот Иџе со автомобилот Mitsubishi Lancer EVO IX беше за класа подобар од конкуренцијата и во ниеден момент не дозволи никаква неизвесност во неговата група N. Во двете возења Стефановски беше константен и патеката ја мина за 3:02.136 и 3:02.495 минути. Негов најголем конкурент беше Чехот Јиржи Лос, кој не успеа да се спушти под 3:04 минути и постигна времиња од 3:04.224 и 3:04.846 минути. Третото место во оваа група го освои неговиот сонародник, Оскар Бенеш.
- Презадоволен сум од се, и од резултатот и од автомобилот и од екипата. Потајно очекувавме и се надевавме на успех, но ова е веќе реалност. Не само ние, туку сите се изненадени од нашиот резултат. Кога се искачував на подиумот добив најголем аплауз од сите победници по групи и категории. Дури и организаторите искрено и срдечно ми честитаа. Беа фрапирани колкав пат сме поминале за да учествуваме и згора на се, да успееме да ја победиме елитата која редовно им гостува и чии квалитети добро ги познаваат – вели Стефановски.
Иџе сензацијата ја најави уште во саботата кога на првиот тренинг постигна најдобро време, пред Хрватот Томислав Мухвиќ и Лос. На вториот тренинг најбрз беше Лос пред Мухвиќ и Стефановски, но разликата помеѓу тројцата беше само 0,2 секунди. Работата на Стефановски му ја олесни откажувањето на актуелниот европски шампион Мухвиќ кој поради дефект на возилото не стартуваше на неделната трка.
- Патеката беше многу брза и опасна. Имаше голем број инциденти и излетувања, поради што и трката траеше долго и имаше големи паузи. Сето тоа го нарушува ритамот и значително влијае врз секој возач. Ме импресионираше организацијата, навистина е посебно задоволство да се возат трки од Европскиот шампионат каде што стандардите на организација и подготовка на патеката се навистина импресивни. Многу сум задоволен од автомобилот, се функционираше перфектно, немавме апсолутно никаков проблем – додаде Иџе.
Колку е резултатот на Стефановски импресивен зборува и фактот што тој беше подобар и од натпреварувачите од групата А (возила кои се побрзи од групата N). Единствено побрз од Стефановски кај автомобилите пријавени за бодување за Европското првенство е Белгиецот Јаник Бодсон со Porsche 997 група GT (3:00.311 и 2:58.638). Инаку севкупен победник на патеката долга 5,280 метри е Италијанецот Симеоне Фаџиоли со болид Norma M20 со времиња од 2:20.425 и 2:22.966 минути, чиј резултат во првото возење претставува и нов рекорд на патеката.
Следната трка се вози за две недели во Рехберг, Австрија, а Иџе со нетрпение го очекува новиот предизивик и шансата да го поправи впечаток од лани:
- За две недели патуваме за Рехберг. Предноста е што таа патека ја знам од минатата година. Лани излетав во првото возење и немав шанси за добар резултат, но сега имам мотив повеќе за да го поправам впечатокот од лани. Сепак, таму би требало конкуренцијата да е посилна од овде во Франција поради големиот број локални возачи во мојата група.
