Свет

Испорака на украинското жито до крајот на неделава

26.07.2022 11:53

Украинските пратки со жито ќе бидат подготвени за извоз во рок од неколку дена според договорот поддржан од ООН. Турскиот претседател Ердоган ги повика Киев и Москва да ги исполнат своите обврски. Вашингтон ја следи ситуацијата...

Украинските пратки со жито ќе бидат подготвени за извоз во рок од неколку дена според договорот поддржан од ООН, откако рускиот напад на пристаништето Одеса фрли сомнеж дека Москва ќе го испочитува договорот.

„Сите страни ја потврдија својата подготвеност. Очекуваме дека првиот брод може да заплови во рок од неколку дена“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.

Турскиот претседател Ердоган ги повика Киев и Москва да ги исполнат своите обврски. Вашингтон ја следи ситуацијата.

„Очекуваме дека договорот од Црно Море ќе се спроведе. Светот гледа. Ќе работиме со нашите партнери да се погрижат Москва одговорно да го спроведе постигнатиот договор“, нагласи Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.

Освен за пченицата, Европа е сè повеќе загрижена како ќе ја надмине енергетската криза. Најавата на руски „Газпром“ за дополнително намалување на испораките на гас неделава, е политички мотивирана-тврди шефицата за енергетска политика на ЕУ во Брисел.

„Ова е политички мотивиран чекор и мораме да бидеме подготвени за тоа. Очекувам министрите да постигнат договор за вонредните правила на ЕУ кои бараат од земјите да ја ограничат побарувачката на гас“, изјави Кадри Симсон, шеф за енергетска политика на Европската унија.

Чекорот на Москва е терор – оцени украинскиот претседател Зеленски.

„Ова е отворена гасна војна која Русија ја води против обединета Европа – токму така треба да се перципира. Од глад поради блокирање на пристаништата, зимски студ, сиромаштија или окупација. Тоа се само различни форми на терор“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Москва и натаму тврди дека тоа не е политичко прашање и тврди дека Русија и продолжува да биде земја која во голема мера ја гарантира енергетската безбедност на Европа.

Бојана Крстевски