Собрание

Поддршка на Шведска и Финска за членство во НАТО

26.07.2022 14:44

Комисијата за надворешна политика даде виза за предлог-законите за ратификација на протоколите за членството на Шведска и Финска во НАТО. Пред членовите на Собраниската комисија, на затворена седница, своите тези за дипломатските активности ги претставил вонредниот и ополномоштен амбасадор во САД, Зоран Попов...

Првпат откако сме земја членка на НАТО-Алијансата се произнесуваме за членството на други земји. А после долго време власта и опозицијата во Собраниската комисија за надворешна политика едногласно го поддржаа зачленувањето на Кралството Шведска и Република Финска во Сојузот. Пратениците ги усвоија предлог-законите за ратификација на протоколите кон Северноатлантскиот договор на двете скандинавски земји, пријателски земји кои, сметаат, отсекогаш и давале поддршка на република северна Македонија од нејзиното осамостојување, како и за нејзините евро-атлантски аспирации.

Според пратениците од опозицијата, со нивното членство ќе се зајакне безбедносната архитектура во скандинавскиот дел на Европа и тоа ќе претставува додадена вредност за Алијансата. Но не изостана дебата за нашите прилики. Пратеникот Милошоски направи споредба помеѓу соседните држави на земјите аспирантки Данска и Норвешка со некои, како што рече, наши соседи. Данска има многу преплетена историја со Шведска, но не ни помислува да ги попречува во нивниот влез во НАТО, рече Милошоски.

Пратеничката Соња Мираковска, од НСДП посочи дека интересот на двете богати скандинавски земји во НАТО е доказ дека ние како мала земја сме постапиле исправно и при влезот во НАТО и дека одлуката донесена во врска со влегувањето во ЕУ е сосема правилна.

Откако претставник на МНР, пред комисијата, појасни дека поради чувствителните информации што треба да ги изнесе новоименуваниот амбасадор во САД, Зоран Попов, се бара неговото излагање да биде затворено за јавност и ќе може да го проследат само пратениците кои поседуваат безбедносни сертификати, комисијата беше затворена за јавноста. Седницата на која требаше да ги изнесат своите тези новиот амбасадор во Канада, Агрон Буџаку, амбасадорот во Кралството Норвешка, Дритон Куќи, новиот амбасадор во република Словачка, Евгенија Илиева, како и вонредниот и ополномоштен амбасадор во кралството Белгија, Методија Белевски, беше прекината.

Фиљана Кока