Македонија

Се предлага задолжително земјоделско осигурување

27.07.2022 09:06

Намалени приноси како резултат на климатските промени со зачестени мразеви и град и штетите од поплави и суши, се повеќе бараат системско решение за спас на родот и намалување на загубите. Министерството за земјоделство предлага, сегашното доброволно осигурување со субвенционирање на полисите, да стане задолжително...

Министерството за земјоделство подготвува новиот концепт на осигурување на сите земјоделци и тоа ќе биде и еден од условите за исплата на субвенциите.

Се предвидува висината на полисите да ја утврдува државата и да бидат пониски, со поголем опфат на ризици од досегашните. Се подготвува нов закон за осигурување во земјоделството со исплата на штетите на земјоделците во текот на истата година кога се настанати од временските непогоди и климатските промени.

Поголемиот број на земјоделски осигуреници, според осигурителните компании, треба да ја поевтини и цената на полисите.

Во изминатиот период, штетите од временските непогоди на полињата во одреден процент беа исплаќани од државниот Буџет и тоа на земјоделците кои не го осигурале производството.

Според министерството предложениот нов систем треба да ги замени досегашните ад-хок решенија со формирање на комисии, проценка и обесштетување од страна на државата.

Лани биле склучени вкупно 3.800 договори за осигурување посеви и добиток со земјоделците, а само 370 со земјоделските компании.

Методија Трајков