Холандска компанија ќе инвестира 3 милиони евра во Македонија

15.04.2014 13:16

Нова холандска инвестиција во земјава објави премиерот Никола Груевски преку својата интернет – страница, nikolagruevski.mk. Се работи за компанијата Р&С Тишју Калчр Лабораторис. Ќе инвестира 3 милиони евра во виничко – кочанскиот регион, од каде што ќе извезуваат во Западна Европа...

Холандската компанија Р&С Тишју Калчр Лабораторис е новиот инвеститор во Македонија. Наесен почнува да работи како браунфилд инвестиција, во веќе постоен погон во виничко – кочанскиот регион.Инвестицијата е вредна околу 3 милиони евра. Ќе се отворат 100 работни места, пред сè за млад и високообразован кадар.

„Инвестициската клима во Македонија е многу добра. Ние правиме производи со висока додадена вредност и затоа ни требаат образовани луѓе, кои ги поседуваат потребните вештини што се потребни“, изјави Едвин Рос, генерален менаџер на компанијата.

Групацијата има две лаборатории за одгледување растенија и семенски материјали во Холандија и во Јужна Африка.Рос вели дека Македонија ја одбрале поради добрата бизнис – клима, ниските даноци, квалификуваната работна сила, локацијата. Во втората фаза планираат изградба на целосно нова фабрика .

„Ова е само една од повеќето инвестиции што ги планира оваа компанија за Македонија. Планираат повеќе фази и дислоцирање и на други бизниси што ги имаат низ светот. Економскиот тим на Владата на оваа инвестиција работеше подолг период и на крајот нашиот труд даде резултат“, вели Бил Павлески, министер за привлекување странски инвестиции.

Новиот инвеститор, заедно со компанијата Антура, која е од истата дејност и која е веќе присутна во земјава, ќе формираат холандски кластер, на кој подоцна треба да му се приклучат и други компании.

 

Мартин Пушевски