Македонија

Во Битола почна фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

27.07.2022 10:58

„Илинденски денови“ се културното ехо на манифестот од 1903-та“, порача министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, синоќа на отворањето на 52-рото фестивалско издание. По традиционалното дефиле на Широк Сокак и познатото комитско во изведба на КУД Илинден од Битола 52-то издание на фестивалот „Илинденски денови“ го отвори потпретседателот на Собранието Горан Мисовски...

Илинденските денови се културното еко на манифестот од 1903-та, и универзалниот повик за слобода и човекови правдини. Ние Македонците одамна ја дигнавме главата но не за да покориме некого туку да живееме во разбирање со секого. Ако има сè уште некој кој не ја знае или не ја разбрал нашата историја нека ја запее нашата песна нека го изигра нашето оро. Тие ќе му кажат се рече меѓу другото министерката за култура.

За градот домаќин и организаторот овој фестивал над половина век е печатот на нашиот идентитет. Место каде го споделуваме своето и го уважуваме туѓото во духот на Гоцевата мисла.

Над 1.000 учесници од осум земји на три континенти го преплавија Широк Сокак на традиционалното дефиле. По познатото „Комитско“, во изведба на битолското КУД „Илиннден“, фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

Многуте настани на вториот фестивалски ден започнуваат уште претпаднето, а завршуваат со вечерните манифестации на „Староградска музика и игра“, „Песна на Широк Сокак“ и настапот на ансамблот „Танец“ и Влатко Стефановски во античкиот локалитет Хераклеа.

Стевче Митревски