Бугарските социјалисти утре ќе го вратат мандатот
Нема договор за формирање влада. Сѐ поизвесно е дека во Бугарија ќе има нови избори. Претседателот Радев најави дека најоптимален термин е 2-ри октомври...

Бугарските социјалисти не успеаја да обезбедат мнозинство и ќе го вратат мандатот за состав на нова влада. Се поизвесно е дека ќе има нови избори. Ваквата одлука доаѓа откако во Собранието не им помина како точка на дневен ред да биде вметната програмата за работа на парламентот за наредните шест месеци. Претходно социјалистите најавија дека ако се реализира нивната идеја, односно предлогот добие 121 глас „за“, веднаш ќе ја почнат постапката за избор на нова влада, со Асен Василев како кандидат за премиер.
„Во последниве недели, развивме програма, вклучувајќи ги и предлозите на има таков народ, што покажува како сакаме Бугарија да се развива. Опасноста што и претстои на државата е одговорност на оние кои не ја поддржаа Бугарија да има функционален парламент и влада“, изјави Георги Свиленски од БСП
„Ништо не е променето. Се водат разговори, тоа е еден динамичен процес. Ако народното собрание собере мнозинство и има волја да се формира влада со една програма, ќе се разговара и за персоналниот состав на таков кабинет. Во оваа фаза, ние сè уште немаме таква најава“, изјави Јордан Терзиоски, пратеник од „Продолжуваме со промената“.
Одлуката сега е кај претседателот Радев. Тој неколкупати најави дека ако нема решение и не биде избрана влада, предвремените избори се неминовност, 2-ри октомври го спомена како евентуален датум на кој би се одржале изборите. Лани во Бугарија беа одржани три последователни изборни циклуси. Дури во последниот обид беше избрана влада предводена од лидерот на „Продолжуваме со промената“, Кирил Петков. Во коалицијата партиципираа БСП, „Демократска Бугарија“ и „Има таков народ“, но траеше нешто повеќе од шест месеци. По излегувањето на партијата на Слави Трифонов, Петков го загуби мнозинството во Собранието. Недоверба на неговата влада и беше изгласана пред нешто повеќе од еден месец.
Милчо Велески
