Пожарот на „Криволак“ најсериозен, воените магацини се безбедни
Три пожари се активни на истокот од земјава. Најсериозен е на воениот полигон „Криволак“. Се гаси со хеликоптери, но според Центарот за управување со кризи воените магацини се безбедни…

Два хеликоптера, армиски и полициски, ги гаснат активните пожари во земјава. Најсериозен е оној на полигонот на „Криволак“. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов потврди дека поради слабиот ветер што се појавува и зголемувањето на температурата, пожарот се разгорува, но дека армиските магацини се безбедни.
Активни се и пожарите во Општина Василево, а за еден од нив Ангелов посочи дека било утврдено дека е подметнат. Пожарот зафатил блиска шума во близина на магистралниот пат Радовиш-Струмица, веднаш било пријавено во Територијалната противпожарна единица Радовиш, по што екипите со теренско возило итно излегле на терен, додава Ангелов.
Македонија беше зафатена од топлотен бран по што нагло зачестија пожарите. Тие се гаснат од копно и од воздух, а откако неодамна беше оспособен „ертракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување и тој се вклучи во гаснењето. Двата други чекаат на сервисирање.
Фиљана Кока
