Земјотрес од 7 степени по Рихтер ги погоди Филипините
Жртви и повредени, оштетени објекти. Силен земјотрес го погоди филипинскиот остров Лузон. По потресот од 7 степени по Рихтер, регистрирани се неколку последователни. Издадено е предупредување за цунами. Жителите во паника...

Земјотрес од 7 степени по Рихтер ја погоди планинската област во провинцијата Абра на Филипините. Има загинати и повредени. Силниот потрес се почувствувал и до главниот град Манила оддалечен повеќе од 400 километри. Властите издадоа предупредување за цунами и свлечишта. Регистрирани се неколку последователни потреси. Жителите во паника ги напуштиле домовите.
„Господе. Ова беше навистина ужасно. Земјотресот беше навистина силен“, рече жител на Манила.
Испратени се спасувачки тимови и помош во провинцијата. Оштетени се болница и згради, а допрва ќе се проценува вкупната материјална штета.
„Земјотресот беше посилен од вообичаеното. Ќе продолжиме да даваме информации како што ќе пристигаат. Оваа ситуација продолжува да се развива и тоа ќе го прави во следните неколку дена. Но, мислам дека сè што може да се направи е направено“, изјави Фердинанд Маркос Џуниор, претседател на Филипини.
Филипинскиот Институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека земјотресот е предизвикан од движење на тектонските плочи на длабочина од 25 километри. Филипините се наоѓаат покрај Пацифичкиот „Огнен прстен“ каде што се случуваат повеќето земјотреси во светот. Исто така, секоја година земјата регистрира околу 20 тајфуни и тропски бури.
Маријана Димовска
