Енергетска криза

Бизнисмените со четири барања до власта за да можат да ја пребродат зимата

27.07.2022 14:16

Бизнисмените испорачаа четири барања до власта за да можат да ја пребродат зимава. Повикаа во функција да се стават сите енергетски капацитети, да се олесни поставувањето фотоволтаици, струјата од повластените производители да биде само за индустријата. ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј, трите блока на РЕК – сè ќе треба да се стави во погон поради екстремно високите цени на електричната енергија на берзите. Надлежните ги прифатија барањата. Ќе стапат во сила 1-ви август со прогласувањето на кризна состојба…

Со старите енергетски капацитети повторно ќе се „бајпасира“ тешката македонска зима. Бизнисмените испорачаа четири барања до власта за справување со енергетската криза. Посочија дека е потребно веднаш да се набави мазут за ТЕЦ Неготино оти во вакви услови, кога цените на берзите рушат рекорди, работењето на овој капацитет е исплатливо, а дополнително велат, клучна улога мора да игра и ТЕ-ТО. Од Стопанската комора побараа струјата од повластените производители да биде само за индустријата, да не се дозволи да се затворат границите за увоз, но и да ѝ се олесни на лесната индустрија да поставува фотоволтаици.

Надлежните уверуваат дека сите капацитети за производство на струја ќе бидат ставени на располагање. Во РЕК Битола работат двата блока, а од наредниот месец и третиот треба да биде во функција. За два месеца и РЕК Осломеј се очекува целосно да биде подготвен за грејната сезона. Договори за јаглен се склучени со Грција, Албанија и Косово.

За власта, предлозите се издржани и прифатливи, но за да се реализираат е потребно да се прогласи кризна состојба.

И бизнисмените и власта се согласни дека нè очекува исклучително тешка зима. Кризна состојба во енергетиката ќе се прогласи во август.

Викторија Милевска