Македонија

Европска вечер на фестивалот „Охридско лето“

27.07.2022 14:19

Во катедралната црква Света Софија во Охрид се одржа традиционалната вечер на европската унија во рамки на фестивалот „Охридско Лето“. Публиката уживаше во настапот на „Дуо ди Прага“ од Чешка. Евроамбасадорот Гир оцени, заедно ја славиме културата во историски момент кога земјава ги започна преговорите за членство во Европската унија...

Синоќа во катедралната црква Света Софија во Охрид се одржа традиционалната вечер на европската унија во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Публиката имаше можност да го проследи настапот на „Дуо ди Прага“ од Чешка, а евроамбасадорот Дејвид Гир пред почетокот на концертот истакна дека на овој начин ја славиме културата во историски момент кога нашата земја ги започна преговорите за членство во европската унија.

„Драго ми е што заедно ја славиме културата во овој историски момент во врска со отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ. Мислам дека ова е доказ за тоа што може да се донесе и од ЕУ и од Северна Македонија преку нашето заедништво во членството во ЕУ“, ова синоќа во Охрид го изјави евроамбасадорот Дејвид Гир,кој заедно со амбасадорот на Чешка во нашата земја Јарослав Лудва, беа домаќини на Европската вечер во рамки на Фестивалот „Охридско лето“.

„Многу ми е драго што сум на настанот Европска вечер во рамки на Фестивалот „Охридско лето“. Ова е долга традиција што ги собира на едно место уметниците од цела Европска Унија заедно со македонската публика и македонските уметници, но и уметниците од Западен Балкан“, рече Дејвид Гир-амбасадор на ЕУ во РС Македонија.

Делегацијата на ЕУ 16-та година по ред ја поддржува организацијата на Европската вечер на Охридско лето, а синоќа љубителите на музиката имаа можност да го проследат извонредниот настап на „Дуо ди Прага“ од Чешка. Дуото го сочинуваат виолинистот Леош Цепицки и виолончелистот Иван Вокач. Цепицки е еден од основачите на „Вихан“ квартетот којшто има добиено бројни признанија коишто се проследени со мноштво европски и светски турнеи, додека Вокач е еден од најистакнатите чешки виолончелисти од денешната генерација.

Сашо Нелоски