Занаетчиска Комора

Во недела граѓаните плаќаат услуги во соседството

30.07.2022 11:05

Се поголем број граѓани во недела заминуваат во соседството каде што добиваат различни услуги. Од Занаетчиската комора укажуваат дека во екот на сезоната, наместо средствата да завршат кај домашните занаетчии, тие се прелеваат во Србија и Косово. Предупредуваат дека поради актуелниот закон, со кој недела е неработен ден, голем број дејности, нема да издржат да функционираат до наредната година...

Наместо да се подготвуваме како да ја надминеме најтешката зима, ние не знаеме како да излеземе од криза во екот на сезоната, посочуваат од Занаетчиската комора, укажувајќи на потешкотиите коишто ги предизвика Законот за недела неработен ден. Претседателот на комората, Фазлиј, вели, поттикната е сивата економија. Нашите средства, објаснува, завршуваат во соседните земји, бидејќи граѓаните во недела заминуваат за Србија и Косово, каде што добиваат услуги.

„Не е нормално цвеќарница во недела да не работи. Во екот на свадбите, фризерските и козметичарските дејности да бидат затворени. Тука огромен дел од средствата ни се прелеа во соседните држави и ние со затворени дуќани чекаме да дојде понеделник, а тогаш нема свечености“, нагласи Агрон Фазлиј, претседател на Занаетчиска комора на Македонија.

Комората од лани укажува на проблемите коишто ги поттикнува овој закон. Велат од Министерството за труд и социјална политика ветија брзо надминување на проблемот, но сè уште нема ништо. Законот во моментов е во собраниска процедура. Апелираат за брзо решавање, бидејќи 50 проценти од малите бизниси, нема да издржат до функционираат до наредната година.

„Наместо да ја лекуваме економската болест која не фати од ковид, енергетска криза, покачување на репроматеријали, ние талкаме во место и немаме пазар, и нашите клиенти ги принудивме со овој закон да побегнат во странство, а ние да бидеме тие што ќе ја молиме државата да ни дава мерки за да опстанат овие бизниси“, дополни Фазлиј.

Од Занаетчиската комора, велат дека со измената нема да ги оштетат работниците, бидејќи ќе работат со почитување на одредбите, за дополнително плаќање. Но, нагласуваат дека никој досега, во екот на сезоната, не собрал сили да види дека економијата тоне.

Елена Георгиевска