Мицкоски: Не ја поминавме црвената линија
Ние мора да ги држиме нашите позиции, друг ги помина црвените линии со распродажбата на македонскиот јазик и идентитет, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Сега му се виновни ЕУ и еврокомесарот Вархеји. Кога се носат важни одлуки за државата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ секогаш се на спротивната страна, реагираа од СДСМ…

„Ние мора да ги држиме нашите позиции, не ја поминавме црвената линија, некој друг ја премина линијата на здравиот разум, со распродажбата на македонскиот идентитет, трговијата со историските наследства и културните обележја“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот став на Мицкоски доаѓа по критиките на Вархеји, дека опозицијата ги преминала црвените линии. Посочува дека целта на еврокомесарот за проширување била само да си ги заврши неговите работи, а наша цел, вели, е да си го браниме и штитиме идентитетот. Сега е момент да се биде или не.
Откако му потонаа сите лаги, и не му успеаја сценаријата за дестабилизација на земјата, сега на Мицкоски му се виновни ЕУ и еврокомесарот Вархеји, реагираа од СДСМ. Од партијата со став-кога се носат важни одлуки за државата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ секогаш се на спротивната страна.
Мицкоски информира дека деталите за референдумското прашање се во тек. Кон крајот на август партијата ќе излезе со прецизни решенија за изјаснувањето на народот. Сепак, смета дека власта ќе направи сè само за да го избегне соочувањето со народот.
Наташа Гркова-Петрушевска
