Велес

Вработените од велешка „Колска“ на протест, бараат решение за фабриката да не згасне

28.07.2022 10:29

Откако УЈП поради долг од 37 милиони денари огласила на продажба имот на „Колска“, вработените од фабриката на протест. Ги сопреа утринските возови за Битола и Гевгелија. Бараат да се најде решение за опстанок на „Колска“…

После осум месеци вработените од велешката фабрика за шински возила „Колска“, повторно на протест. На железничката станица во Велес ги сопреа утринските патнички возови на Македонски железници за Гевгелија и Битола. Но, овој пат не поради доцнењето на платите, туку поради одлуката на УЈП поради долг, да продава дел од имотот на „Колска“.

Сојузот на синдикатите смета дека може да се помогне на 80-те вработени во фабриката. Ќе поднесат пријава до Државниот трудов инспекторат, бидејќи во „Колска“, неколку месеци се исплатувала плата пониска од законскиот минимум. Ќе бараат од судот, „Колска“ да била ставена во „рамка“ согласно потребните средства за обезбедување на минимални услови за работа, за да не може УЈП да го продава имотот и ја блокира сметката.

Моментално во „Колска“ се наоѓале за работа 20 товарни вагони на МЖ, десетина на ОИЛКО, еден патнички вагон. Но, за да може да ги репарираат, немаат средства за работа, поради блокираната сметка. Вработените не гледаат иднина во опстанокот на фабриката.

Според гранковиот синдикат за сообраќај и врски, единствено можно решение е „Колска“ да се соедини кон Македонски железници-транспорт или инфраструктура, по рецептот на Ремонт на пруги, кој се случи пред некоја година.

Протестот продолжува и наредните денови, сè додека не се оствари средба со владините претставници.

Петар Печков