Бугарија пред избори
Бугарските социјалисти му го вратија на претседателот Радев третиот мандат за формирање влада. Радев рече дека заедно со неисполнетиот мандат, владејачката коалиција оставала хаос во енергетскиот сектор, кој може да прерасне во колапс. Апелираше до политичарите за поголема одговорност...

Бугарските социјалисти му го вратија на претседателот Радев третиот мандат за формирање влада. Не успеаја да соберат доволен број пратенички гласови. Ги обвинија ГЕРБ и „Има таков народ“ дека свесно ја оставаат државата во хаос.
„Направивме управувачка програма која ја претставивме на 4-те коалициски партнери, но за жал во последен момент од „Има таков народ“ ја откажаа поддршката и програмата вчера беше тргната од дневен ред во бугарскиот парламент. Ве информирам дека парламентарната група на БСП донесе решение да не предложи кандидат за премиер и да го врати мандатот како неисполнет“, изјави Георги Свиленски, пратеник на БСП.
Радев рече дека заедно со неисполнетиот мандат, владејачката коалиција оставала хаос во енергетскиот сектор, кој може да прерасне во колапс. Апелираше до политичарите за поголема одговорност
„Сакам да ја искористам можноста и да апелирам до народните избраници за одговорност и ако е можно уште денеска да се најде решение за претседател на КЕВР. Сакам на политичарите да им посакам успех на претстојните парламентарни избори“, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев.
БСП ги отфрли критиките на Претседателот дека ја оставиле државата во хаос. Радев не престанува со критиките иако тој самиот ја создаде „Продолжуваме со промената. Сметаме дека тој е дел од групата што ја урна актуелната власт, изјави лидерката на социјалистите Нинова, повикувајќи го претседателот да не бара оправдувања, туку да именува министри кои ќе се занимаваат со проблемот.
„Тој брза да дојде на власт и да владее. Лично го промовирав Румен Радев. Двата мандати и ги должи на БСП. Граѓаните треба да го оценат неговиот труд како претседател“, рече Корнелија Нинова, претседателка на БСП.
По ваквиот епилог, бугарскиот претседател треба да го распушти парламентот, да одреди датум за предвремени избори и да назначи преодна влада по четврти пат. Датумот на изборите ќе зависи од тоа кога ќе биде распуштено народното Собрание. 2-ри октомври е првиот можен датум во случај Радев да го распушти актуелниот парламент на крајот на месецот. Ако реши да ја исполни првичната идеја на БСП, парламентот да работи до 15-ти август, тогаш гласањето ќе биде на 16-ти октомври.
Политичката кризата во Бугарија почна кога од владејачката коалиција излезе „Има таков народ“. Трифонов го обвини Петков дека ја води земјата во банкрот и дека со западните дипломати тајно се договорил Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Парламентот на 22-ри јуни ѝ изгласа недоверба на владата.
Милчо Велески
