Украина ја почна операцијата за ослободување на Херсон
Украинските сили тргнаа кон ослободување на Херсон. Погоден е стратегискиот мост преку кој Русија ги снабдуваше областите под нејзина контрола. Првпат од почетокот на војната американскиот државен секретар Блинкен изрази желба да разговара со руски колега Лавров. Тема на разговорот е биде размена на затвореници...

Украина ја почна операцијата за ослободување на Херсон. Со артилерија со долг дострел оштетени се најмалку три мостови преку реката Днепар, на кои Русија се потпира за снабдување на областите под нејзина контрола. Украинските сили ја нападнале клучна руска рута за снабдување преку мостот Антонив. Стратегијата на Украина е руските сили да се повлечат, доколку успеат, да се предадат или да бидат уништени.
„Во врска со мостот во Херсон и другите премини во регионот, се разбира, сите тие ќе бидат обновени. Правиме се за да се осигураме дека окупаторите немаат никакви логистички можности на нашата земја. И, ќе ја ослободиме нашата територија со воени, дипломатски и сите други достапни алатки додека не стигнеме до легалните граници на Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Специјалната воена операција продолжува, ова не е крај, како што пишуваат некои украински медиуми. Ова е само почеток, почеток на голем крај во Украина, вели официјалниот претставник назначен од Русија во регионот Херсон. Негира дека уништениот мост во областа е стратегиски.
„Мостот сега е блокиран. Оние коишто пукаа на мостот само малку го отежнаа животот на цивилното население во регионот. Уште еднаш нагласувам, ова не влијае на исходот на непријателствата, тоа е бескорисна контраофанзива“, изјави Кирил Стремусов, заменик-шеф на проруската регионална администрација.
Според извештаи на Белата куќа, 75 илјади руски војници се убиени или ранети во војната во Украина. За прв пат од почетокот на војната, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, изјави дека сака да разговара со својот руски колега Сергеј Лавров. Администрацијата на САД нуди размена на затвореници со Москва.
„Во наредните денови очекувам да разговарам со рускиот министер за надворешни работи Лавров за прв пат од почетокот на војната. Планирам да покренам прашање што е главен приоритет за нас. Ослободувањето на двајца американци кои неправедно се приведени и мора да им биде дозволено да се вратат дома“, изјави Ентони Блинкен-Државен секретар на САД.
Од руското МНР велат дека нема официјално барање за разговор Лавров-Блинкен. Наместо да го користи „мегафонот“ за дипломатија, Вашингтон треба да се придржува кон дипломатската практика, порача Москва.
Маријана Димовска
